Полицијата во Диселдорф соопшти дека повеќе од 1.000 полицајци учествувале во рациите, кои започнаа во раните утрински часови, извршени во сојузните држави Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија и Бремен. Уапсени се 11 лица, меѓу кои и 39-годишен Сириец обвинет за членство во сириската екстремистичка група Нусра фронт, соопшти полицијата.

Рациите се дел од истрагата за таканаречената мрежа „хавала“ широко користена во муслиманските земји, во која поединци, а не банки, дејствуваат како посредници при трансфер на пари. Полицијата од Диселдорф соопшти дека парите, кои се „перат“ од 2016 година, доаѓаат од широк спектар на извори, вклучувајќи криминални активности како што се грабежи и изнуда. „Според првичните проценки, обемот на трансакции во истражниот период изнесувал околу 140 милиони евра“, се наведува во соопштението на полицијата.

Германскиот јавен радиодифузер WDR објави дека „испраните“ пари вклучуваат средства од трговија со дрога и дека барем дел од тие пари се испратени во Турција и Сирија, каде што можеби се искористени за финансирање милитантни групи.

Полицијата заплени луксузни автомобили, злато, накит и скапи часовници во вредност од над два милиони евра.