Општината поставена на здрав колосек

Актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат во општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, во денешната емисија „За или против“ на Алфа телевизија говореше за проектите кои ги реализирал во текот на својот мандат и за плановите за идниот развој на општината.

Тој посочи дека најголем акцент бил ставен на инфраструктурата, образованието и спортската инфраструктура, како и на подобрување на условите за најмладите жители.

„Направивме сериозни исчекори во сите области, делот на инфраструктурата, се радувам на доградбите на училиштата коишто ги завршивме на Основното училиште „Тихомир Милошевски“ и на подрачното училиште во Хром, зголемувањето на капацитетите на детските градинки, на новата градинка во Стопански двор, се радувам што воведовме во четири од шест објекти едносменска настава, во основните училишта во Ѓорче Петров, обезбедивме средства за доградба на три училишта, направивме многу за спортската инфраструктура, 9 нови спортски терени, мултифункционални игралишта со тартан подлога. Мислам дека ја поставивме општината на здрав колосек, најперспективна општина во градот Скопје и општина која дополнително во иднина најдобро ќе се развива и ќе има најдобри фискални капацитети,“ рече Стојкоски.

Фокус на младите и идниот развој

Градоначалникот истакна дека во наредниот период главната цел ќе биде создавање подобри услови за младите да основаат семејство, вклучително и нова населба која ќе им овозможи пристап до земјиште и подобри услови за живеење.

„Клучните точки пак се однесуваат најмногу на училишта и детски градинки, ќе имаме и нешто за пензионерите, ќе имаме нова населба за млади, ќе кажам во текот на кампањата начинот локацијата каде планираме тоа да се направи и од Владата има добар слух и од Народната банка излегоа со поволности за младите луѓе, целта ние да создадеме услови реални, да овозможиме локации каде младите брачни парови можат да си купат земја, да градат, да основаат семејства. Ќе бидеме поврзани за младите за иднината, за просперитетот,“ нагласи Стојкоски.