Кризниот штаб формиран за справување со вонредната состојба во Гостивар ги почна првите координирани активности за итно обезбедување техничка вода за граѓаните. Во акцијата се вклучуваат општини од целиот Полошки Регион, но и повеќе градови од државата, кои најавиле помош со цистерни и друга потребна логистика.

На состанокот на градоначалниците од регионот присуствувал и претставникот на Централниот кризен штаб, Горан Савовски, кој побарал детален преглед на сите расположливи ресурси. Во Гостивар се формира и локален мини кризен штаб, кој ќе биде задолжен за прифаќање, распоредување и дистрибуција на помошта низ различните градски зони.

Министерството за внатрешни работи и Армијата ќе стават на располагање полициски и воени цистерни за техничка вода. На пет до шест клучни локации низ Гостивар ќе бидат поставени специјални садови, односно резервоари, од кои граѓаните ќе можат да се снабдуваат со вода за техничка употреба.

Помош со цистерни веќе најавиле Скопје, Куманово и Кавадарци. Како дополнителна можност се разгледува и полнење на цистерните со вода во соседната Општина Маврово и Ростуше, со цел да се обезбеди доволна количина вода за потребите на населението.

Претседателот на Полошкиот плански регион и градоначалник на Желино, Блерим Сејдиу, порача дека сите општини од регионот се во 24-часовна готовност и дека ќе ја стават на располагање целата потребна логистика и механизација за надминување на кризата со водоснабдувањето.