Од утре, автобусите на линиите 19 и 20 ќе продолжат да возат, велат од Град Скопје и додаваат дека проблемот со приватниот превозник „Макекспрес“ е надминат, односно исплатени му се парите. Од понеделникот не возеа автобуси на овие две линии, па жителите на Шуто Оризари беа отсечени од градот и немаа начин како да стигнат каде што имаа потреба.
Во договор со компанијата, од утре линиите ќе сообраќаат според редовниот возен ред. Градот Скопје за една недела на приватниот превозник му надомести средства во износ од осум милиони денари, а во текот на следните денови на приватниот превозник ќе му бидат надоместени скоро четвртина од наследениот долг кој Градот го има кон овој приватен превозник, велат од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Од Градот се надеваат дека вакви неприлики со јавниот превоз и повторно исклучување на линии од приватните превозници нема да се случуваат.