Отчет за сработеното во првите 100 дена од нивните мандати денеска во Охрид дадоа градоначалниците на новите власти предводени од ВМРО-ДПМНЕ во општините Охрид, Демир Хисар, Македонски Брод, Вевчани, Брвеница и Јегуновце.

Во присуство на највисокото партиско раководство отчет за сработеното во првите 100 дена од нивните мандати денеска во Охрид дадоа градоначалниците на новите власти предводени од ВМРО-ДПМНЕ во општините Охрид, Демир Хисар, Македонски Брод, Вевчани, Брвеница и Јегуновце.

Речиси сите нови градоначалници на шесте општини обраќањата ги почнаа со генерална забелешка на, како што рекоа, големите наследени долгови на општините направени во изминатиот период кога власта беше во рацете на СДСМ, превработеност во јавните претпријатија, нерешени проблеми на граѓаните, отуство на сервилност на затекнатите административни служби. Воедно изнесоа забелешки на, како што рекоа, отсуството на поддршка од централната власт во однос енергетската криза, во услови кога општините се соочуваат со недостиг средства за подмирување на трошоците за јавното осветлување и како поддршка на работењето на општинските јавни претпријатија чие работење е директно засегнато од инфлаторниот удар.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, посочи дека увидот во финансиската состојба на општината и јавните претпријатија покажал дека општината е задолжена со околу 14 милиони евра, со долг на јавните претпријатија повеќе од 8,5 милиони евра, што ја демонстрира лавиринтската децениска задолженост на општината и јавните претпријатија и која укажува на немање волја и незнаење за надминување на таквата состојба.

Презентарајќи дел од сработеното изминатите сто дена Пацаков нагласи дека и во следниот период ќе работи стручно, одговорно се со цел реализирање на проектите кои што ги ветил пред охриѓани. Тој истакна дека и при негативна генерална слика за состојбите во општината, изминатиов период е пристапено кон стручно и компетативно екипирање на секторите, службите и јавните претпријатија, во насока на почнување нов циклус на транспарентно и одговорно работење.

Пецаков рече дека во изминатите 100 дена стигната е во финална фаза реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република”, булеварот „Македонски просветители” е веќе навлезен во втора фаза од реализација, како и дека катната гаража е влезена во финална фаза.

Во однос на животната средина Пецаков посочи дека се исчистени 167 диви депонии.- Се грижиме за чист и зелен Охрид. Исчистивме повеќе од 167 диви депонии и подигнавме 673 метри кубни кабаст отпад. За споредба за периодот 2020 година до ноември 2021 година имаше подигнато 844 метри кубни кабаст отпад. Прв пат после седум години се исчисти депонијата во населба Даљан. Се исчисти дивата депонија на улицата „Јордан Мијалков”, кажа Пецаков, набројувајќи ги и останатите спроведени активности од областа на инфраструктурата, заштитата на животната средина, легализацијата, поддршката на образовните установи, спортските клубови.

Никола Најдовски, градоначалник на општина Демир Хисар на денешниот регионален отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ” рече дека во првите 100 дена се започнати со реализација голем број проекти од големо значење за сите жители на општината.

– Во првите 100 дена раководење со општината, спроведовме проекти и активности кои ќе донесат директна корист за жителите на Општина Демир Хисар. Во наредниот период ќе ги завршиме веќе отпочнатите проекти, но и ќе се посветиме на реализирање нови, со цел модернизација на општината и подобрување на условите за живот на граѓаните на Општина Демир Хисар, рече тој посочувајќи бројни отпочнати проекти, но и најавувајќи многу други.

Неговиот колега од Општина Вевчани, Спасе Кочовски, рече дека за разлика од градоначалниците од СДСМ кои ги преспале мандатите, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ почнале со работа од првиот ден.

Кочовски истакна дека затекнал „нефункционална и приватизирана општина, општина во целосна функција на личните интереси на претходниот градоначалник и партијата, како и демотивирана и деградирана општинска администрација со долг од на 2.5 милиони денари”.

– Ниту еден проект кој го имале започнато не е целосно завршен иако за тоа имале време. Ние ја отворивме општината за секој еден граѓанин без разлика на неговата партиска припадност. Ја забрзавме динамиката на проектите кои ги затекнавме, рече тој.

Градоначалникот на Општина Македонски Брод, Жарко Ристески, од своја страна наведе дека првите сто дена отчетно и транспанетно ја водел општината, со цел подобрување на условите и начинот на живот за сите жители на општината.

Ристески истакна дека општината ја наследил со долг од над 59 милиони денари, но успеал да врати дел од средствата по основ на извршување и по основ на обврски на буџет. Независно од неповолната наследена ситуација, посочи, со силни напори успева квалитетно и навремено да ги испорача општинските услуги.

– Општина Македонски Брод e општина со нулта толеранција за корупција, општина со непродуктивни трошоци сведени на минимум и трошоци за репрезентација еднакви на нула, додаде Ристески, притоа наведувајќи проекти во делот на инфраструктура, образованието, одржувањето на јавната хигиена и заштитата на животната средина.

Градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, пак, како најгорлив проблем го посочи отуството од евидентирање на имотот во општината, каде од регистрирани 4029 видови имот само 864 се со договори за приклучок кон канализациската мрежа, што според него укажува на недомаќинското работење во минатото и одлив на значајни средства за општината.

– Недостигаат илјадници договори, а цената на еден договор или приклучок е 18 илјади денари или 300 евра, посочи тој.

Димитар Костадиновски, градоначалникот на Јегуновце, истакна дека ветеното се остварува, а општината е јавен сервис што секогаш е на располагање за решавање на проблемите што се под надлежност на локалната самоуправа. -Ги сослушав сограѓаните, нивните проблеми, идеи, предлози и постапувам соодветно нивните барања. Од првиот ден реализирав посети и средби со граѓани од сите населени места. Заеднички креиравме проекти и политики вметнати во буџетот за 2022 година и истите ќе се реализираат годинава, рече тој најавувајќи дека тоа партиципирањето на граѓаните во општинската самоуправа ќе бидат практика за време на неговиот мандат.