Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ уште ги санираат штетите и плаќаат сметките за скапо јадење на нивните претходници од СДСМ, велат од партијата.

-Кога градоначалниците од СДСМ ги напуштале општините се погрижиле нив да ги остават со празни каси, или дури и сметки во минус, но и многу побарувања за плаќање на скапите јадења со кои се гоштевале низ рестораните. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во сите скопски општини ги исчистија дивите депонии и хаосот кок го оставија нивните претходници. Градоначалникот на Битола го продолжи проектот за изградба на стадионот, кој беше почнат уште во време на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ 4 години не го направи, се наведува во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во Охрид се отпочнаа нови улици, во Илинден ново училиште. Во секоја нова општина се отпочна со проекти.

-Но ако граѓаните се прашуваат со што друго беа соочени градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ тоа се скапите сметки како таа која ја направил командирот на скопската пожарна нарачувајќи телешки бифтеци, медаљони и скапи нарачки како фрути ди маре од 8.600 денари порција. Како изговор за ова скапо гоштевање е дека правеле прослава за скалата која ја купија дупло поскапо од тоа што ја купи град Загреб. Вакви енормни сметки се правени по ексклузивни ресторани и за време на изборите, имено на 22 октомври, Љубица Јанчева, тогашен претседател на Советот на град Скопје, потрошила 39.700 денари за едно јадење во ексклузивен локал на Кејот на Вардар. Овие и многу други сметки кои се плаќани со пари на скопјани и граѓаните на другите општини се дел од проблемите со кои се соочија градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Времето на криминал и јадење на скапи јадења на сметка на народот заврши, стои во соопштението.