Се уште до денеска до оваа прес конференција не слушнавме реакција од вчера до сега, ниту од СДСМ, ниту од Калеска – Ванчева, ниту пак од институциите кои што го ангажирале адвокатското друштво на Калеска – Ванчева кое што било во нејзина сопственост пред да стане пратеник, истакна денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

-Преку пет државни институции по основ на паушали адвокатското друштво кое е поврзано со пратеничката на СДСМ и претседател на форумот на жени во СДСМ, инкасирало 55.000 евра за три и половина години. Министерството за образование и наука, Национална агенција за европски образовни програми, Агенција за енергетика, Државен студентски центар и Агенција за странски инвестиции, се институциите од кои што ова адвокатско друштво на Снежана Калеска – Ванчева инкасирало 55.000 евра., рече Арсовски.

Арсовски понатаму вели дека не постои човек кој што може да биде убеден дека ова е случајно и дека за ова не е заслужна токму пратеничката од СДСМ Калеска – Ванчева.

-Нема човек, нема дел од јавноста, ниту пак близок и член до СДСМ што може да биде убеден дека ова е случајно и дека за ова не е заслужна токму пратеничката од СДСМ Калеска – Ванчева. Притоа на чело на овие институции бил еден човек или луѓе од СДСМ, блиски до пратеничката. Но за оваа поврзаност од утре па натака.

Најважно е што, додека граѓаните немаат леб да јадат, некој кој е во власта, нашол начин да заработува преку државата и на грбот на граѓаните. Срамота. Наместо местото да си го бараат на слободен пазар и успехот да го манифестираат преку приватниот сектор, едвај чекаа да дојдат на власт, за да заработуваат на грбот на граѓаните. При тоа да бидат повластени и да имаат предност пред било кое друго адвокатско друштво, токму адвокатското друштво на пратеничката Калеска – Ванчева, вели Арсовски.

-Единствен трошок на ова адвокатско друштво од овие 55.000 евра кои што ги земале по основ на паушали од овие пет институции кои што претходно ги најбројував се даноците што ги плаќале и хартијата која што можеби ја трошеле, или интернетот кој што го трошеле и плаќале. Чиста заработка на грбот на граѓаните во време на сериозна криза изминативе три ипол години.

Дали е ова случајно? Не е, нормално дека не е случајно. За ова чекаа и се бореа да дојдат на власт во 2016-тата година.

Оттука сакам повторно да ја повикам заспаната антикорупциска комисија да се разбуди и да отвори постапка, бидејќи ова се парите на граѓаните и мора да дадат отчет како, зошто и на кој начин се доделени и за што се потрошени овие средства, порача Арсовски.