Граѓани, активисти и граѓански организации денеска излегоа на протестен марш во центарот на Скопје под мотото „Ниту една повеќе!“, барајќи одговорност за фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста.
Протестот започна во паркот „Жена Борец“, а повод за неговото организирање беше убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која претходно пријавувала насилство и закани по живот од својот партнер.
Со маршот, учесниците испратија порака дека убиствата на жените не смеат да се третираат како изолирани трагедии, туку како сериозен општествен проблем кој бара институционална одговорност и конкретна заштита.
Маршрутата помина покрај Собранието и Министерството за правда, а заврши пред Министерството за образование и наука.
Организаторите побараа целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана Кириќ и утврдување одговорност за сите евентуални институционални пропусти. Меѓу барањата се и итно усвојување на законските измени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, враќање на поимот „род“ во законите и јавните политики, како и одговорност за функционерите кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените.
„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, е пораката на иницијативата „Ниту една повеќе!“.
На протестот беше посочено дека секој случај на фемицид отвора прашања за тоа дали институциите навремено реагирале и дали жените кои пријавуваат насилство добиваат соодветна заштита.
