Хакери преку лажни профили ги мамат граѓаните со наградни игри па им ги крадат личните податоци. Со овие примамливи содржини најчесто ги ловат корисниците на Фејсбук. Овие измами најчесто се прикриени со лого и име на познати брендови, маркети, компании кои по повод роденден ги наградуваат корисниците, пренесува Сител.
Во МВР регистрирале зголемен број на пријави од граѓани кои паднале во замката на лажните наградни игри. Апелираат до граѓаните да не наседнуваат и да не се споделуваат лични карти и податоци со други лица особено преку социјалните мрежи.
Во текстот на лажните објави стои дека со кликање на нивната објава и оставање податоци, ќе се освојат вредни награди, како пари, мобилни телефони, автомобили, патувања. Сето ова е мамка за корисниците на социјалните мрежи, кои потоа стануваат жртви на сајбер криминалот.
Корисници не се ниту свесни или доцна забележуваат дека наседнале на лажните наградни игри. Крадење лични податоци стана честа појава, а хакерите се кријат и зад имиња на функционери и државни служби.
Вакви е-маил пораки пред извесно време, пристигнаа до голем број граѓани наводно од директорот на бирото за јавна безбедност, дека примателот на пораката сторил кривично дело за кое треба да испрати податоци па да му биде детално објаснето за што се работи.