Украинската војска објави дека прецизно ја погодила базата на елитната руска единица за беспилотни летала „Рубикон“ во окупираниот град Бердјанск, сместен во јужниот дел на Украина. Според прелиминарните податоци со кои располага украинската војска, во нападот загинале повеќе од 30 руски војници, додека 70 се ранети, а извештаите наведуваат дека меѓу настраданите се наоѓаат и членови на командниот штаб на единицата.
Украинските јужни одбранбени сили синоќа објавија и видео снимка од нападот врз базата лоцирана во окупираниот дел од Запорошката област.
Според информациите на украинските разузнавачки служби, нападот уништил повеќе објекти наменети за обука на оператори на беспилотни летала, простории за сместување на воен персонал, како и складишта за беспилотни летала.
Украинската војска наведува дека очевидци од местото на настанот пријавиле серија секундарни експлозии по нападот, по што голем број руски војници биле транспортирани во локалната болница. Телата на загинатите припадници на силите наводно биле префрлени кон Мариупол, додека официјалните тврдења за точниот обем на руските загуби сè уште не се независно потврдени.
Единицата „Рубикон“, чиј официјален назив е Центар за напредни беспилотни технологии, претставува една од најважните руски формации специјализирани за војување со беспилотни летала. Таа го формира главниот столб на Руските сили за беспилотни системи, нов вид на руска војска формирана кон крајот на 2025 година.
Оваа единица е специјализирана за изведување напади врз украинската воена логистика и операторите на беспилотни летала, како и за воздушно пресретнување на украински дронови.
Во текот на изминатите месеци, украинската армија континуирано напаѓаше персонал и инфраструктурни објекти на „Рубикон“ долж фронтовската линија, на украинските територии што се под руска контрола, како и на територијата на самата Русија. Претходно, овие воени објекти во Бердјанск беа цел на украински напад и на 9 ноември.
