Филмот „Мојот син“ на авторот Маријан Стевановски од Куманово ја освои престижната награда Гран при (Grand Prix) на Интернационалниот фестивал „Камера 300“ во Битола, како и плакетата „Милтон Манаки“ за најдобро филмско остварување.
Во исклучително силна конкуренција од вкупно 92 филма, ова остварување беше едногласно прогласено за најдобро на фестивалот, чија свечена церемонија за доделување на наградите се одржа во Домот на културата во Битола.
Авторот Маријан Стевановски самостојно ги потпишува текстот, сценариото, режијата и монтажата, додека нарацијата во филмот му припадна на актерот Илија Волчески. Кинематографското дело е целосно посветено на трагично настраданиот син Филип Стевановски, кој го загуби животот во настаните во дискотеката во Кочани. За авторот, ова фестивалско признание претставува вечен спомен на љубовта и талентот на прерано згаснатиот живот.
„Филмот „Мојот син“ е создаден од најдлабоките чувства на еден татко: од љубовта, болката, сеќавањата и непресушната желба споменот за мојот Филип да продолжи да живее“, наведува Стевановски.
Творецот изрази јавна благодарност до стручното жири и организацискиот одбор на фестивалот, упатувајќи признание и до актерот Волчески за неговата сугестивна и емотивна нарација. Посебна благодарност тој упати и кон сопругата Снежана, ќерката Кристина, снаата Ирена и внуката Лора, нагласувајќи дека тие му ја даваат потребната сила на семејството да продолжи понатаму.
„Филипе, наградата е посветена на тебе! Горд сум на тебе, но и многу тажен, сине мој. Засекогаш“, порача Стевановски.
