Ставрос Цимас, познат грчки новинар, во книгата „Скриени аспекти на македонското прашање“ објавува детали за средба меѓу тогашниот македонски премиер Зоран Заев и претставници на новата грчка власт, одржана во август 2019 година во Фурка на Халкидики. Според неговото сведоштво, разговорите се одвивале во период кога постоела неизвесност околу односот на новата грчка влада кон Преспанскиот договор и европската перспектива на Македонија.
Средба во чувствителен период
Цимас наведува дека во летото 2019 година Заев, кој летувал на Халкидики, присуствувал на вечера во Фурка со претставници на новата грчка власт. Според авторот, покрај политичките разговори, вечерта била исполнета со добро вино, морски плодови и песни од познатиот грчки пејач Антонис Ремос, кои, како што пишува Цимас, ги изведувала сопругата на Заев, Зорица, пренесе МКД.мк.
Средбата се одржала кратко по доаѓањето на власт на Кирјакос Мицотакис и неговата партија Неа демократиа, која претходно јавно се спротивставуваше на Преспанскиот договор. Во тоа време во Скопје, Атина и Брисел владеела значителна неизвесност за тоа каков ќе биде ставот на новата грчка влада кон договорот и кон европскиот пат на Македонија.
Улогата на Схинас
Според Цимас, дел од овие прашања биле разјаснети токму на вечерата што се одржала во вилата на Маргаритис Схинас во Фурка. Схинас, кој тогаш бил нов грчки комесар во Европската Унија предложен од владата на Мицотакис, подоцна станал потпретседател на Европската комисија.

Авторот пишува дека, знаејќи оти Заев летува на Халкидики, преку заеднички пријател бил организиран неформален состанок во домот на Схинас. На средбата присуствувале и други грчки политичари и нивни пријатели, а целта била да се согледа ставот на Заев кон новата грчка влада и нејзините намери во однос на Преспанскиот договор.
„Во почетокот на август 2019 година, и покрај веќе потпишаниот Преспански договор, за македонската политика сè уште беше неизвесен патот кон Европската Унија и датумот за почеток на пристапните преговори. Се стравуваше што ќе направи владата на Неа демократиа и како ќе се однесува во Брисел на претстојниот самит на ЕУ, каде што ќе се одлучува за пристапниот пат на Северна Македонија. Таа задача ја доби Маргаритис Схинас, новиот грчки комесар поставен од Мицотакис, кој подоцна стана и потпретседател на Европската комисија“, пишува Цимас.
Разговорите зад затворени врати
Заев во тие денови летувал во Неа Скиони на Касандра. Според книгата, Схинас преку заеднички пријател воспоставил контакт со него, по што на 10 август била организирана вечера во неговата куќа во Фурка.
„На вечерата присуствуваа пријатели со сопругите и познаници. Заев детално ги изложи своите планови за спроведување на реформите и за исполнување на критериумите со кои беше решен да продолжи, но зборуваше и за своите политички потези во наредниот период, откривајќи дека планира да организира избори без оглед на исходот од европската перспектива“, пишува грчкиот новинар.
Според Цимас, следното утро Заев бил значително порелаксиран откако од Схинас добил уверувања дека новата грчка влада нема намера да го доведува во прашање Преспанскиот договор.
Пораките од Атина
Грчкиот комесар го потсетил на јавните ставови на Мицотакис дека договорот е веќе потпишан, дека не постои можност за негово менување и дека Атина нема да поставува пречки за почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
Во еден момент од разговорот, наведува Цимас, Заев во шега предложил седница на Владата да се одржи на Касандра, каде што летувале дел од неговите министри, а доколку било потребно да заседава и парламентот, тоа да се случи во Солун, за да можат да присуствуваат и пратениците што летувале во Переја.
Цимас оценува дека вечерата во Фурка претставувала прв директен контакт на Заев со новата политичка реалност во Грција по доаѓањето на Неа демократиа на власт.
Реакции во Европа
„За овој настан веднаш дознаа Германија, Франција и Шпанија, кои размената на мислења меѓу грчкиот европски комесар и македонскиот премиер таа ноќ на Халкидики ја примија со одредено олеснување“, пишува авторот.
Според него, посебно внимание кон потезите на новата грчка влада покажувала тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, која добро го познавала негативниот став на Неа демократиа кон Преспанскиот договор.
По средбата меѓу Меркел и Мицотакис на 29 август 2019 година, Дојче веле објави дека резервираноста на германската канцеларка делумно произлегувала токму од претходното противење на Неа демократиа на договорот.
Што значеше Преспа за Берлин
„За Германија не стануваше збор за едноставен договор за решавање на проблем на европската периферија. Решавањето на спорот за името беше неопходно бидејќи создаде предуслови Северна Македонија да се приклучи на НАТО и да остане на европската патека, со што би се ограничиле обидите на Русија, Кина и Турција да го зголемат своето влијание во земјата“, наведува Дојче веле.
Според германскиот медиум, уверувањето што Берлин го добил од новата грчка влада дека во случајот со Преспа ќе важи принципот „pacta sunt servanda“ – договорите мора да се почитуваат – претставувало еден од првите значајни сигнали за градење доверба меѓу Берлин и владата на Мицотакис.
Поглед зад сцената
Епизодата што ја опишува Цимас дава увид во односите меѓу Скопје и Атина во периодот по потпишувањето на Преспанскиот договор и покажува како дел од важните политички пораки биле разменувани надвор од официјалните средби и дипломатските сали.
