Денеска е важен ден за обединета Европа која презема заеднички иницијативи за справување со енергетската криза предизвикана од инвазијата на Русија во Украина, рече министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас, изразувајќи поддршка за предлозите на ЕК, јави дописничката на МИА од Атина.
Скрекас истакна дека усвојувањето на грчкиот механизам за оданочување на големите приходи на компаниите за производство на електрична енергија „е практична потврда за исправноста на механизмот што се применува во Грција“ и додаде дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис уште од март годинава до Комисијата доставил конкретен сет предлози.
– Грција ги поддржува иницијативите преземени од Европската комисија и смета дека се важен чекор во вистинската насока за справување со големата енергетска криза, истакна министерот за животна средина и енергија на Грција.