Во 2.347 училишта и во 1.799 градинки во Бугарија денеска почнува новата учебна година. Над 57.000 првачиња од денеска почнуваат на учат, а во учебната 2022/2023 ќе има речиси 717.000 ученици, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за образование и наука.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, учебната година почнува во цела Бугарија. Во училиштата се распоредени и 1.216 медијатори и 182 социјални работници, кои им помагаат на наставниците во вклучувањето на децата и учениците во образовниот систем. Во текот на летото, имаше реновирање во речиси 900 училишта, а повеќето од нив се веќе завршени. Вкупно 46 училишта од 14 региони на Бугарија ја отвораат учебната година во други згради, а најчеста причина за тоа се тековните реновирања во нив. Меѓу нив има 18 училишта од девет региони во државата.

Министерството за образование и наука на Бугарија пред почетокот на новата учебна година собираше информации за обезбедување гориво за греење на училиштата со цел да се направи анализа и да не се прекинува наставата или да се премине на учење од далечина.

Техничкиот министер за образование, Сашо Пенов, изјави дека ќе се обезбедат средства за затоплување на училиштата и градинкиÑ �е. Наставата ќе биде со физичко присуство, а онлајн часови, при евентуална ситуација со нов ковид бран, ќе бидат можно само при многу неповолни околности.