Одлуките за привремено ограничување на копнените граници, како и за забраната за влез на државјани на трети земји, грчката Влада ги продолжи за уште една седмица, односно до 3 мај 2021 година, а новата одлука, што претставува продолжување на претходната од минатиот понеделник, веќе е објавена во Службен весник на Грција и стапува во сила утре во 6 часот наутро, јави дописничката на МИА од Атина.

Промена има во последниот член на одлуката, каде што е додаден нов став што се однесува на задолжителниот ПЦР тест што патниците треба да го покажат при влезот во земјата и наведено е дека важи и за деца кои наполниле пет години, нешто што не беше споменато во претходните одлуки.

Од задолжителниот карантин и забраната за влез, исклучок се државјаните на членките на ЕУ и на уште 11 други трети земји, кои задолжително треба да имаат или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест.

Со воведените промени од минатата седмица, што се продолжени и сега за влез преку Бугарија, освен Промахонас (Кулата), отворен е и преминот Нимфеас (Маказа), преку кој посетителите, за кои е дозволен влез, можат да пристигнат во Грција.

Првиот член од министерската одлука се однесува на копнените граници, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.

За граничниот премин Евзoни (Богородица) кон Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена, објави МИА.

За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а исто како и за останатите патници за кои е дозволен влез, така и на возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.

Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од која било влезна точка, на кој било начин и со кое било средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“.

Исклучок, како и досега се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и државјаните на Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија, Руанда, Сингапур, Израел и Србија.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

Посебни регулативи има за државјаните на земјите членки на Унијата и Шенген зоната, на Велика Британија, САД, Обединетите Арапски Емирати, Србија, Израел, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Тајланд, Руанда и Сингапур, за дозволен е влез или со негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или со потврда за вакцинација, под услов да се поминати 14 дена од ревакцинацијата и се ослободени од задолжителниот карантин.

За сите патници кои пристигнуваат во Грција, задолжително е пополнување на електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form).

Границите на Грција за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани се затворени над 13 месеци, откако лани, за време на првиот карантин во март, беше воведена одлуката, а оттогаш континуирано се продолжува.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во телевизиската порака до граѓаните во средата, соопшти олабавување на мерките и најави дека на 15 мај ќе биде отворен туризмот.

Според најавите од грчката Влада, за патување во земјата ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан Ковид-19.