Грчката национална комисија за вакцинација, по одржаниот состанок за несаканите дејства по примањето на вакцината на АстраЗенека оцени дека процесот на имунизација во Грција со конкретната вакцина треба да продолжи регуларно, согласно објавениот план, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Комисија соопштуваат дека според надлежните органи од Европската организација за лекови, досега не постои доказ дека за случаите на тромбоза причината е поврзана со вакцинацијата, но и дека со фактот што венската тромбоза не е невообичаена, очекувано е да се појави кога има голем број вакцинации.
Додаваат дека Комисијата за вакцинација, во соработка со Грчката организација за лекови, „им даваат апсолутен приоритет на прашањата поврзани со безбедноста на вакцините“ и континуирано ги следат и оценуваат сите наводи за можни несакани дејства од вакцините, „со цел да се заштити здравјето на граѓаните“.
Вакцината на АстраЗенека, првично во Грција беше наменета за лицата до 65 годишна возраст, а минатата седмица, оваа одлука се промени, откако Комисијата за вакцинација даде зелено светло, да се користи за целото население.