Мицотакис рече дека управувањето со пандемијата е маратон, а не спринт, истакна дека постои замор кај граѓаните од континуираните рестрикции, а споменувајќи ги најавените олабавувања на мерките, потенцираше дека не станува збор за отворање, туку за прилагодување.
– Внимавајте, погрешно е да говориме за отворање. Погрешно е да говориме за отворање, многу поправилно е да говориме за одново прилагодување на активностите и затоа Владата, во соработка со експертите, донесе низа одлуки, рече Мицотакис и не ја исклучи можноста, доколку има појави на собири, повторно да се вратат рестрикциите.
Се осврна и на новиот тип тестови за домашна употреба што ги воведува Владата, т.н „self tests“, а како пример спомена дека може да помогнат за почеток на наставата во средните училишта, односно учениците да се тестираат 24-48 часа пред отворањето на училиштата.
Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, упати остри критики до Владата за начинот со кој се справува со пандемијата, рече дека просечен граѓанин не може да разбере што кажуваат, но и дека граѓаните изгубиле доверба во Владата.
– Секој ден ја подготвувате грешката што ќе ја направите следниот ден. Трагични грешки во стратегијата. Со 1.000 случаи локдаун, со 4.500 случаи отворање на активности. Како да просечен граѓанин да разбере?, истакна Ципрас додавајќи дека еден министер од Владата „кажува затвораме, друг вели отвораме“, а „истото се случува и со вакцините“.