Британскиот премиер Кир Стармер денеска одржа низа разговори со данската премиерка, лидерите на Европската комисија и НАТО, како и со американскиот претседател Доналд Трамп, со фокус на состојбата околу Гренланд, соопшти Даунинг стрит.

Во владиното соопштение се наведува дека Стармер во сите разговори го повторил ставот на Лондон за Гренланд.

Тој нагласил дека „безбедноста на далечниот север е приоритет за сите НАТО сојузници, за да се заштитат евроатлантските интереси“.

Во истото соопштение се посочува и дека британскиот премиер оценил оти е погрешно воведување царини за сојузниците во контекст на стремежот кон колективна безбедност во рамките на НАТО.

Претходно, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд.

Трамп тврди дека поради националната безбедност и засиленото присуство на Русија и Кина на Арктикот, Соединетите Американски Држави треба да ја преземат контролата врз Гренланд. Тој најави дека од 1 февруари ќе воведе царини за осум европски држави, кои ќе останат во сила сè додека, како што наведе, „не биде склучен договор за целосна и комплетна продажба на Гренланд“. Трамп најави и можност царините да се зголемат до 25 проценти од 1 јуни.

Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија во заедничка изјава објавена денеска наведоа дека ваквите чекори ги поткопуваат трансатлантските односи.

Во истата изјава, земјите истакнуваат дека како членки на НАТО остануваат посветени на зајакнување на безбедноста на Арктикот како заеднички трансатлантски интерес.

– Воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на тоа и не претставува закана за никого – се додава во заедничката изјава.