ГРЦИЈА ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ

Проширувањето на ЕУ за Грција претставува инвестиција во безбедноста и стабилноста на регионот, но процесот останува строго условен од постигнувањата на секоја земја-кандидат, порачуваат грчки владини извори во пресрет на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Брисел.

Според истите извори, Атина останува на ставот дека проширувањето е тежок и комплексен процес, кој бара суштински реформи и целосно усогласување со предусловите на пристапниот процес.

Во однос на Западен Балкан, позицијата на Грција е дека иднината на регионот е во Европската унија и дека земјата цврсто ја поддржува европската перспектива, под услов да се исполнат сите критериуми и предуслови. Како особено значајни се наведуваат добрососедските односи и почитувањето на обврзувачките меѓународни договори.

Грчките владини извори брифираат и за учеството на премиерот Кирјакос Мицотакис на утрешниот Самит на Европската унија, при што се очекува последните случувања во Украина да бидат меѓу клучните теми на дискусија.

Покрај тоа, на агендата ќе се најдат и финансиските потреби на Унијата за периодот 2026–2027 година, повеќегодишната финансиска рамка, проширувањето на ЕУ, геоекономијата и конкурентноста, јави дописничката на МИА од Атина.