Случајот со заминувањето на Ива Михаилова претставува вештачки наметната криза во македонско-бугарските односи пред изборите во Бугарија. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски посочи дека истрагата треба да покаже дали има пропусти кај домашните служби, најавувајќи брзо презентирање на официјалните наоди пред јавноста.
Николоски упати директни критики за усогласеноста меѓу настапите на бугарската дипломатија и опозициските партии во земјава, коментирајќи ги тврдењата на амбасадорот Жељазко Радуков за наводна инволвираност на македонските власти.
„Имам само една непозната во целата работа, а тоа е дали претставниците на СДСМ и бугарскиот амбасадор разговараат телефонски, се среќаваат лично или одржуваат конференциски разговори за да ги координираат ставовите. Минатата недела кажав дека станува збор за јасна координација на ставовите, што вчера се потврди, имајќи предвид дека тезите што ги изнесува СДСМ во врска со овој случај се исти или многу слични со тезите што ги слушнавме вчера од амбасадорот на Република Бугарија, кој е официјален претставник на Бугарија во државата. Јасно е дека постои координација. Јасно е и дека целта на СДСМ не е да го зголеми сопствениот рејтинг, туку да најде начин да го намали рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Николоски.
Според вицепремиерот, мотивот за овие активности лежи исклучиво во предизборната кампања во Софија, каде што темите за Македонија повторно се злоупотребуваат за политички цели.
„Штом мора да се прави шоу со пренесување на коските на цар Самоил од Солун во Софија, очигледно нема друг начин, па мора да си поигруваат со судбината на едно младо девојче. Таа ќе биде заборавена, како што беа заборавени и други случаи и личности искористени во одредени моменти. Се обидуваат да предизвикаат наша емотивна реакција, мислејќи дека ќе кажеме оти ги напуштаме преговорите со ЕУ, но сериозно ја потценуваат нашата способност да ги разбереме работите“, нагласи Николоски.
Осврнувајќи се на сомнежите за евентуални пропусти на безбедносниот систем, министерот нагласи дека секоја институционална слабост ќе биде санкционирана, но истовремено го отвори прашањето за постапките на соседната држава.
„Доколку истрагата утврди дека некој навистина направил пропуст, секако дека ќе има одговорност. Но, нереалистично е да се очекува на сите жители да им доделиме полицајци. Тука посуштинско е прашањето: како е возможно држава членка на НАТО и ЕУ да штити лица кои бегаат од правдата? Нејзиниот татко е правосилно осуден во акцијата „Детонатор“ за тешки кривични дела и се наоѓа во Бугарија каде што е заштитен и не се екстрадира. Сега станува збор за две лица од исто семејство“, заклучи Николоски.
Тој потенцираше дека е неодржливо земја членка на Европската Унија да одбива екстрадиција на правосилно осудени криминалци, а истовремено да отвора политички спорови.
„Во овој случај станува збор за две лица од исто семејство. Намерата е јасна. Сакаат да предизвикуваат провокации и да ги користат во предизборни цели. Но, како што кажав, доволно сме паметни за да не подлегнеме на провокации“, нагласи Николоски.
