Денес, кога го одбележуваме Денот на словенската писменост, се соочуваме со предизвици кои како држава мора да ги надминеме и да го откочиме патот кон европската иднина. Азбуката, јазикот, културата и етничката припадност се вредности што не можат да се спорат со политички договори или спорови, како за луѓето воопшто, но и за државата како целина, a за тоа најдобро сведочи историјата, порача првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во честитката по повод 24 Мај, Ден на Свети Кирил и Методиј.

– Европа е континент на разновидност и почитување на разликите и Унијата мора да се консолидира како фактор на донесување одлуки и лидер во почитување и интеграција на континенталната целина и правото на самоопределување, се вели во честитката од Груби.

Славиме заедно, додава тој, и ништо не го спречува ова заедничко обележување, „исто како што ништо не треба да го спречува отворањето на преговорите за членство во Европската Унија“.