Народната банка останува посветена на олеснувањето на условите за купување прво живеалиште, а се очекува новите макропрудентни мерки, коишто ќе стапат во сила од 1 декември годинава, и понатаму да делуваат превентивно со цел поттикнување на одржливо задолжување на домаќинставата.

Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во емисијата „Бизнис објектив“ на ТВ Телма, во која зборуваше за мерките што ги презема централната банка во областа на станбеното кредитирање, со цел да се одржи стабилноста на финансискиот сектор и да се заштитат граѓаните од презадолжување.

Славески посочи дека Индексот на цените на становите во Скопје, којшто Народната банка го објавува на квартално ниво, покажува знаци на стабилизирање на цените. Годишниот раст на индексот во третиот квартал годинава, во споредба со истиот квартал минатата година, забави на 10,3 отсто, ниво што е блиску до состојбата забележана во 2023 година, односно пред пандемијата.

Според Славески, ваквите движења ја зајакнуваат преговарачката позиција на купувачите.

„Тоа им оди во прилог на лицата и на домаќинствата што се на страната на побарувачката на станови. Се зголемува нивната преговарачка моќ и тие можат да издејствуваат пониска цена“, рече гувернерот.

Народната банка презема мерки за намалување на можноста за презадолженост на граѓаните, но и за да им излезе во пресрет на оние што се најранливи и на кои им е потребно живеалиште. „Уште минатата година кажав дека становите и куќите, пред сè, треба да бидат објекти за живеење, а дури потоа објекти за инвестирање“, нагласи Славески.

Од декември минатата година, кога стапија во сила претходните макропрудентни мерки на Народната банка, застапеноста на кредитите за прво купување дом е зголемена, коишто според гувернерот, учествуваат со 25 отсто во вкупниот број одобрени кредити. Тој посочи дека врз стабилизирањето на цените на становите влијаат и движењата на доходите и ниската инфлација.

Гувернерот укажа и на појавата што ја забележале со зголемување на роковите за отплата на кредитите по заострувањето на мерките за купување втор и трет стан и оти половина од новоодобрените кредити годинава се со рок на отплата подолг од 25 години. Поради тоа, со најновите мерки, коишто ќе стапат во сила од 1 декември годинава, Народната банка го ограничува максималниот рок на отплата на кредитите за купување втор и следен стан од 30 на 25 години, додека за прво купување стан останува можноста за рок на отплата до 30 години.

Гувернерот нагласи дека побарувачката на кредити и натаму е висока, иако бележи извесно забавување, укажувајќи дека тоа засега не се одразува негативно врз квалитетот на кредитното портфолио на банките.