Патниците на повеќе европски аеродроми се соочуваат со долги чекања на граничните контроли, откако започна целосната имплементација на новиот EES систем за влез во земјите од ЕУ и Шенген зоната.
Според Меѓународниот совет на аеродроми (ACI), на аеродромите во Франција, Германија, Белгија, Италија, Шпанија и Грција се бележат задржувања и до три часа.
Директорот на европскиот оддел на ACI, Оливие Јанковиќ, предупреди дека ситуацијата може дополнително да се влоши во наредните недели и за време на летната сезона.
„Сега ги гледаме тие времиња на чекање во шпицот кога сообраќајот штотуку почнува да расте“, изјави тој.
EES системот, кој стапи во целосна примена во петокот, бара од патниците од земји надвор од ЕУ да остават лични и биометриски податоци при влез во Шенген зоната.
Иако системот се воведува постепено од октомври, веќе предизвика проблеми. Во Милано, повеќе од 100 патници пропуштиле лет кон Манчестер поради доцнења на пасошката контрола.
Претставници на аеродромите и Европската комисија одржаа состанок за надминување на проблемите, при што од ACI побараа поголема флексибилност и можност за привремено олеснување на процедурите.
Од Европската комисија, пак, велат дека системот во најголем дел функционира добро, со просечно време за обработка од околу 70 секунди по патник, иако според ACI тоа може да трае и до пет минути.
Комисијата призна дека има технички проблеми во одредени земји, но тврди дека тие веќе се решаваат.
