Американскиот претседател Доналд Трамп најави можно брзо завршување на конфликтот со Иран, оценувајќи дека војната е „речиси готова“.
Во интервју за телевизијата „Фокс Бизнис“, тој изјави дека ситуацијата се приближува кон крај, додавајќи дека постои реална можност за напредок во преговорите уште оваа недела.
Трамп посочи дека иранското раководство „навистина сака да постигне договор“, а за „Њујорк пост“ изјави дека „во наредните два дена“ може да се случи значаен пресврт во разговорите.
Во меѓувреме, дипломатските активности се интензивираат. Пакистанскиот премиер Шебаз Шариф, чија земја посредува меѓу САД и Иран, замина на турнеја во Саудиска Арабија, Катар и Турција, со цел да придонесе кон мировен процес.
Паралелно, претставници на Обединетите Арапски Емирати и Иран разговарале за намалување на тензиите. Во телефонски разговор, потпретседателот на ОАЕ, шеик Мансур бин Сајед ал Нахјан, и претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, размениле ставови за деескалација на состојбата.
Сепак, тензиите остануваат високи. Иранската армија предупреди дека би можела да ја затвори пловидбата низ Црвеното Море и Персискиот Залив доколку САД продолжат со блокадата на иранските пристаништа.
