Вучиќ и Бака Прасе: TikTok лајв што привлече внимание на јавноста

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа за првпат одржа TikTok лајв, кој привлече значително внимание на социјалните мрежи. Во преносот директно се вклучи и еден од најпознатите српски јутјубери, Бака Прасе, а разговорот опфати теми од даночната политика, преку локалната власт, до медиумските конфликти.

Пред вклучувањето во живо, Вучиќ погледна вирална снимка од Бака Прасе, во која јутјуберот прашува дали е можно да се укине данокот за инфлуенсери. Претседателот одговори дека тоа не е изводливо, потенцирајќи дека државата функционира токму преку наплатата на даноци.

Шеги за Белград и улогата на градоначалникот

По директното вклучување во лајвот, Бака Прасе низ шега забележа дека, доколку стане градоначалник, би поделил откази поради техничките проблеми во преносот. На прашањето на Вучиќ за кој град станува збор, јутјуберот одговори дека мисли на Белград и побара мислење дали би бил подобар градоначалник од актуелниот, Александар Шапиќ.

Вучиќ со насмевка возврати дека не го дели тоа мислење, додавајќи дека одлучувачко е што ќе кажат граѓаните.

Бака Прасе му предложи на претседателот Вучиќ цел буџет да го стават на црвено и да се обложат со буџетот на Србија.

Јутјуб каналите и советот на Вучиќ

Во продолжение на разговорот, Бака Прасе побара Вучиќ да стапи во контакт со Доналд Трамп, со цел да му бидат вратени неговите Јутјуб канали, кои, како што тврдеше, биле згаснати поради масовни пријави. Вучиќ одговори дека ќе има разговори со американски претставници, но побара и објаснување за причините за гасењето на каналите.

Јутјуберот посочи дека станува збор за конфликт со Жељко Митровиќ, по што Вучиќ зазеде советодавен тон, оценувајќи дека изјавите насочени кон семејството на Митровиќ биле „застрашувачки“ и дека извинувањето би било коректен чекор. Бака Прасе возврати дека никогаш не го навредувал семејството и дека, според него, првично бил нападнат неговиот татко, но Вучиќ повторно оцени дека неговите зборови биле потешки.

Во завршницата, претседателот го праша јутјуберот како започнал со Јутјуб и што го мотивирало. Бака Прасе објасни дека почнал со гејминг, охрабрен од пријателите, и дека по одлуката да не запише факултет решил да оди „на сè или ништо“, што на крајот му се исплатело.

Лајвот, кој спои политика, поп-култура и интернет феномени, предизвика бројни реакции и коментари, отворајќи нов простор за комуникација меѓу политичките лидери и дигиталните инфлуенсери.