Холандската Влада денеска соопшти дека на национално ниво има недостиг на вода предизвикан од топлото и суво лето, што доведе до рекордна суша во поголемиот дел од континентот. Властите формираа тим за подготовка на мерки за управување со расположливите водни ресурси и побараа и од граѓаните да се вклучат во штедењето вода.
– Недостигот на вода веќе има негативен ефект, особено врз бродарството и земјоделството, изјави министерот за инфраструктура и водостопанство Марк Харберс. Тој ги повика луѓето „внимателно да размислат дали треба да го измијат својот автомобил или да го наполнат базенот. Холандија е земја со многу вода, но водата овде е исто така драгоцена, додаде Харберс.
Во текот на летото во земјата падна многу малку дожд, а условите за суша на север и исток од Европа исто така значат дека помалку вода стигнува до земјата преку реките.
Владата соопшти дека снабдувањето со вода за пиење не е загрозено и дека сè уште не се потребни нови мерки, но тоа може да се промени во наредните недели.
Властите во некои делови од земјата веќе воведоа рестрикции за земјоделците кои ги наводнуваат земјоделските култури, а неколку речни фериботи се суспендирани поради нискиот водостој. Сувите услови ги попречуваат и товарните бродови што минуваат низ реките низ земјата.
Холандија е уште една земја во Европа која ги чувствува последиците од сушата и недостатокот на врнежи. Минатиот месец Европската комисија предупреди дека поради засилените климатски промени, континентот се соочува со една од најлошите години во однос на природните катастрофи како што се сушата и шумските пожари.