Полицијата соодветно реагираше и целосно го институционализираше случајот со цел во јавноста да не се шират шпекулации и неточни информации. Ова денеска во СВР Струмица го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, изнесувајќи ја деталната хронологија на трагичниот настан во кој животот го загубија 17-годишната девојка и нејзиното 21-годишно момче. Неживото тело на девојката беше пронајдено во опожарено возило, додека телото на момчето се наоѓало во непосредна близина.
Според официјалните податоци од евиденцијата на базите во МВР, од страна на двајцата претходно немало никакви евидентирани записи или пријави за каков било инцидент, вклучително и за семејно насилство. Првата телефонска пријава била регистрирана на 30 септември 2026 година во доцните часови, кога малолетничката пријавила физички напад од страна на момчето со кое била во љубовна врска.
„Веднаш по пријавата, односно максимум десетина минути по пријавата, полициски службеници од Гевгелија пристигнуваат во Богданци, излегуваат на лице место и ја наоѓаат веќе покојната Билјана, и вршат разговор со неа. Бидејќи се работи за малолетно лице, го повикуваат и родителот. По пристигнување на родителот жртвата е консултирана и е упатена на лекарски преглед, каде по насоки на јавен обвинител, истиот ѝ е укажан. По прегледот и на неа и на родителот им е укажано да дојдат во полициска станица и притоа цело време истите се обезбедени и закана по нивните животи нема“, рече Јанев.
Додека траеле лекарските прегледи, полицијата активно трагала по сторителот, кој набрзо бил пронајден и лишен од слобода во полициската станица во Гевгелија. По полноќ, малолетничката заедно со својот родител пристигнала во просториите на станицата каде што бил составен официјален записник за поднесување кривична пријава.
„Сторителот веќе е лишен од слобода и со него се вршат разговори согласно нашите протоколи каде уште еднаш е консултиран надлежен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и каде по брифирањето на јавниот обвинител се добиени насоки лицето да биде пуштено и по документирање на случајот да биде поднесена кривична пријава во редовна постапка, напоменува во редовна постапка. Лицето по неколку часови е пуштено на слобода. Од страна на ОВР Гевгелија истовремено е известен и Центарот за социјална работа, каде исто така е составен записник“, посочи Јанев.
По комплетно документирање на материјалите и по добиените насоки од Јавното обвинителство, ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Телесна повреда при вршење на семејно насилство“, согласно квалификацијата утврдена од надлежниот јавен обвинител.
Кривичната пријава била прифатена од страна на Судот, а на конкретен предлог доставен од Центарот за социјални работи, на 16 октомври 2026 година било подготвено решение со привремена мерка за заштита од семејно насилство. Решението на 20 октомври било уредно доставено до ОВР Гевгелија со што полицијата добила официјално известување за мерките на претпазливост изречени кон момчето.
„На 21 октомври во утринските часови според протоколите на полицијата бил подготвен план за безбедност на жртвата и начинот на извршување на изречената итна мерка за заштита на жртвата. Полицијата постапува според планот и протоколите, при што сакам да напоменам дека сега покојната Билјана и нејзиниот родител, односно татко, се контактирани и тие дале исказ дека сè е во ред и дека немаат контакти со сторителот, дека нема приближување од негова страна и дека мерката изречена од страна на судот целосно се почитува“, додаде Јанев.
Поради екстремната сензитивност на настанот и со цел заштита на семејствата, дополнителни детали околу понатамошните истражни чекори не беа обелоденети. Одговарајќи на новинарско прашање зошто настанот од септември бил третиран како семејно насилство иако лицата не биле во брак, надлежните појаснија дека правната квалификација произлегува од фактот што лицата биле во интимна врска и живееле заедно. Првиот човек на јавната безбедност упати длабоко сочувство до семејствата и роднините, нагласувајќи ја општата општествена потресеност од оваа голема трагедија.
