Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, придружуван од дел од својот тим, реализираше работна посета на Секторот за внатрешни работи Штип. За време на средбата со раководството беа разгледани оперативното функционирање, постигнатите резултати и натамошното јакнење на безбедносните капацитети во источниот регион.
Главниот фокус во разговорите беше ставен врз поефикасното полициско постапување, засилувањето на превентивните активности, како и навременото детектирање и сузбивање на сите појавни форми на криминал.
Притоа беше презентиран податокот дека во изминатите девет месеци тешките кражби на ова подрачје се намалени за повеќе од 40 проценти во споредба со истиот временски период минатата година, додека откривачката активност во сузбивањето на организираниот и класичниот криминал бележи значителен пораст.
Посебен акцент за време на работниот состанок беше ставен врз професионалноста, одговорноста и стриктното почитување на службените протоколи и процедури од страна на полициските службеници. На средбата беше јасно подвлечено дека нема да се толерира какво било непрофесионално или неодговорно однесување во редовите на полицијата.
На средбата детално се анализираа и можностите за унапредување на криминалистичко-разузнавачката и оперативно-аналитичката дејност, воспоставувањето подобра меѓусебна координација, поголемото физичко присуство на патролите на терен, како и целосната функционалност на новата интервентна единица.
Во рамките на посетата на секторот, Јанев оствари непосредна средба и со 56-те новопримени полициски службеници, кои по успешното завршување на едногодишната обука во рамките на Полициската академија се официјално распоредени на служба во СВР Штип.
Пред новите полициски кадри беше порачано дека во секојдневното извршување на полициските задачи од нив без исклучок се очекуваат исклучително висок степен на професионалност, личен интегритет, максимална одговорност и целосна посветеност на службата.
Министерството за внатрешни работи продолжува со континуираното унапредување на оперативните и кадровските капацитети со единствена цел за посигурна превенција, поефикасно дејствување на полицијата и зачувување на безбедноста на граѓаните во сите плански региони.
