Втора година по ред поворките не се организираат поради КОВИД-пандемијата и се заменети со хуманитарни акции.
-За жал, пандемиските услови налагаат да се воздржиме од поголемо групирање и на секој можен начин да се потрудиме да го заштитиме здравјето на најмалите и најмилите. Затоа божикната радост, љубов, топлина и добрина во целиот претпразничен период и за време на Бадник и Божик, ќе ги шириме во вид на грижа за нашите сограѓани коишто се погодени од кризата и имаат егзистенцијални проблеми, соопшти Здружението за возобновување на православните традиции.
„Црвениот тепих на хуманоста“ денеска ќе почне од Скопје, Штип, Виница, Кичево и Крушево и во наредните денови ќе се прошири во Струга, Битола, Охрид и во други градови низ земјава.
– Поставен покрај Божикната пештера, со црвениот тепих симболично ќе ја истакнеме животната потреба на ближните за помош, како наша најголема христијанска должност, а наши ѕвезди на црвениот тепих ќе бидат сите хумани граѓани, фирми, организации, здруженија. Собираме исклучиво нерасиплива храна за нашите сограѓани во немаштија безгрижно и радосно да го поминат целиот празничен период, соопшти организаторот, кој на својата фејсбук-страница ќе објавува информации за активностите.