Министерството за надворешни работи во Берлин ги предупредува германските граѓани да бидат будни и претпазливи при патување во Северна Македонија поради заканите со бомби, пренесува „Дојче веле“. На граѓаните, како што се наведува, им се препорачува да се информираат од доверливи локални и социјални медиуми во врска со актуелната ситуација и да ги следат препораките на локалните власти и безбедносни сили, пренесува 360 степени.
„Закани со бомби против јавни институции и објекти во последно време се регистрирани во главниот град Скопје. Тие првично беа насочени кон училишта и владини објекти, но во меѓувреме се погодени и хотели и други невладини установи. Последно, беше неопходна евакуација на меѓународниот аеродром во Скопје каде сообраќајот мораше да биде привремено запрен“се наведува во информацијата од германското МНР.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информираше дека за дојавите за бомби се информирани НАТО партнерите, потенцирајќи дека вакви закани се случуваат и во регионот.
„Вчера комунициравме со структурите на НАТО, да видиме каков хибриден пристап кон регионот може да се случи, која може да биде причината“, рече Османи.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, порача дека станува збор за хибридна војна и потврди дека надлежните сектори во МВР работат на ова прашање во координација со партнерските служби од НАТО.
„Кога се организирани со ваков интензитет, со толку широк опфат, со таргетирање на места, институции, објекти и градови со голем број жители, каде што се повторува моделот на пораки кои се исти во повеќе држави, а се исти во многу држави, тогаш може да се постави претпоставка дека се работи за хибридна војна. Ако е изолиран случај на адолесценти, на хакери, тогаш нема во толку многу држави на толку исти институции во толку исти денови, со толку ист интензитет да се случуваат ако се изолирани случаи“, рече Ковачевски.