Надлежните ги очекуваат списоците од стопанските комори врз основа на кои ќе бидат одредени термините за вакцинација.
Како што рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче, дневно ќе се вакцинираат по 300 до 400 лица од списоците на стопанските комори.
– Во однос на критичната инфраструктура почнуваме следната недела. Има една донација вакцини за полицијата, а еве сега и за Армијата. Ќе продолжиме по тој терк, како што почнавме. И во однос на стопанските комори, стопанските субјекти, компаниите, на заедничкиот состанок заклучивме дека најсоодветен механизам е и таму да се регрутираат луѓе согласно препораките за приоретизација – вработените со колку луѓе во денот имаат контакт или колку работат во група и во колкава затворена просторија. Ги очекуваме списоците од стопанските комори со кои имавме состанок на почетокот на неделата. Веднаш штом ги добиеме, ќе добијат термини за вакцинација, истакна Филипче, одговорајќи на новинарски прашања по приемот на кинеската донација од 100.000 вакцини „Синофарм“ во поликлиниката „Јане Сандански“.
Пред три дена Стопанската комора соопшти дека е постигнат договор да се реализира организирано вакцинирање на бизнис секторот во земјава. Според дефинираната постапка, најдоцна до понделник, 17.5.2021 година, Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори, треба да подготват листи на заинтересирани за вакцинирање со лични податоци и пунктови за имунизација во Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Тетово и Охрид.
Приоритетни за вакцинирање ќе бидат вработените кои работат во поголема група во иста просторија (погон, магацин), угостителско туристичкиот сектор, јавниот транспорт и продавачите во малопродажните трговски објекти.