Разгледувајќи овие денови на мојот компјутер наидов на еден текст кој беше објавен 2019 година по повод 8 Април Светскиот ден на Ромите. И се прашувам дали нешто се сменило од тогаш до ден денес 8 Април 2023 година.

Колку бевме успешни НИЕ зборувам за Република Македонија во делот едно општество за сите? Колку Ромите се дел од тоа општество за “сите”?

Колку сме успеале да го подобриме животот на обичниот човек, дали зголемувањето на минималната плата за 2000 денари  навистина го подобриле животот на обичниот граѓанин ? Или го подобар животот на функционерите за 78%?

Дали навистина блескаме овие години или само тонеме и тонеме и спасот го бараме надвор од границите на Македонија, каде ако не повеќе ќе имаме можност за една пристојна работа и еден пристоен живот?

Си ги поставувам овие прашања и си мислам дали овој период е само изгубен период од нашите животи?

Дали смеевме ова да го дозволиме некој да изгуби некоја година од нашите животи? И да се поигра со сите нас, ветувајќи брда и долини овие години?

Наместо да одиме кон Европа, која е полна во нивните усти, за европски вредности, европски живот, европско здравство, само младите одат за Европа барајќи пристоен живот, пристојна работа и сигурна држава. Тие наместо возот силно да го влечат кон север, го загубија компасот и возот силно го влечат на југ, кон Африка, создавајќи услови за афричко преживување во балкански услови.

Невработеноста кај Ромите расте, и покрај нивните фалби за намалување на невработеноста, 28.02.2017 – 6.361 лице пријавено во агенцијата за вработување додека 28.02.2023 – 11.027 роми пријавени како невработени или дури 73% повеќе невработени роми. Или еден друг податок во Скопје, како средина каде живеат најголем број на Роми бројот на невработени Роми е 15,7% во вкупниот број на невработени на ниво на град Скопје, а ромите партиципираат со 3,7% во вкупното население на град Скопје.

Од 6.100 семејства кои живеат во општина Шуто оризари дури 1.904 се корисници на гарантирана минимална помош, или секое трето семејство е корисник на оваа помош.

За роми во извршна власт и да не зборуваме , Ромите ги нема никаде. Се пишува за Ромите ако се претепани, или ако направиле некој проблем. Ромскиот глас во Македонија е глас на немиот, глас кој не се слуша никаде.

После 2017 година заборавено е вработувањето на Роми во јавната администрација,се вработуваат оние кои се само повеќе од 20%. Заборавивме како беше кога се вработуваа по 150 Роми на годишно ниво во јавната администрација во периодот до 2017 година , во времето на „ режимот“.

Лошите политики во изминатите неколку години ја изгубија вербата на обичниот граѓанин дека може да биде подобро, и поголемиот дел од нив спасот , егзистенцијата и подобар живот бараат надвор од границите на Македонија, бидејќи државата тоне се подабоко и подлабоко во сиромаштија, криминал, корупција. Повеќе од 15.000 Роми спасот го најдоа во западно европските земји.

Денес е 8 Април, и некој од власта ќе се сети дека и ние постоиме, ќе ни ветат брда и долини за наредниот период и после неколку дена повторно ќе паднеме во времето на заборав, повторно ќе се соочиме со тешкотиите на животот, повторно секој месец ќе гледаме дали е извлечено нашето име во германска амбасада за добивање на термин за виза, повторно ќе размислуваме „ европски“, како да стигнеме во Европа и да имаме барем пристоен живот, бидејќи мајка Македонија не заборави.

ЧЕСТИТ 8 АПРИЛ

Ибрахим Ибрахими

Координатор за ромските прашања при ВМРО-ДПМНЕ