Стотици граѓани од Македонија биле финансиски измамени преку лажна интернет-платформа за инвестирање, на која им биле ветувани високи добивки. МВР поднесе кривична пријава против две лица, 56-годишна жена од Битола и 38-годишен државјанин на Естонија, поради сомнение за измама.
Според истрагата на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, од декември 2025 до април 2026 година, осомничените преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници ги поттикнувале граѓаните да вложуваат пари во лажна инвестициска платформа, ветувајќи им добивки што никогаш не биле исплатени.
-До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика доставени се пет пријави од оштетени граѓани, кои во наведениот период биле измамени, но согласно податоците од финансиските извештаи од трансакциската сметка на првопријавената, во измамата оштетени се стотици граѓани од државата, но повеќето од нив не го пријавиле случајот.
Во врска со случајот беше спроведена повеќемесечна истрага во која беа вклучени повеќе домашни и странски институции и беа разменети информации, што резултитраше со откривање на идентитетот на сторителите. Исто така, во рамки на истрагата, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика изврши информативен разговор со првопријавената, одзеде електронски уреди кои ги користела за остварување пишана комуникација преку апликацијата, а со форензичката анализа на екстрахираните податоци од одземените уреди, докажано е кривичното дело за кое е поднесена кривичната пријава. Во однос на меѓународниот аспект на истрага, по претходно извршена стручна анализа на крипто трансакциите, преку меѓународни безбедносни платформи обезбедени се целосни информации за сопственикот на крипто паричникот.
Со оглед на растечкиот тренд на ваков тип измами, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика апелира граѓаните да не веруваат во лесна и брза заработка преку интернет, каде измамниците преку социјалните мрежи, лажни профили и телефонски повици нудат инвестирање во криптовалути со ветувања за високи и сигурни приноси, притоа наведувајќи ги да уплатат пари на лажни инвестициски платформи, кои можат да изгледаат целосно легитимно, објави МВР.
