Универзитетскиот професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски упати детална анализа за актуелните политички случувања и изборниот процес во соседна Бугарија. Тој посочи дека постои сериозен ризик од дестабилизација на парламентарното мнозинство во зависност од исходот на претседателската трка.

Наумовски напомена дека по социјалните мрежи веќе кружи шега според која слабиот одѕив на гласачите во Бугарија настанал затоа што сите таканаречени бугарски возови заминале во Србија. Сепак, тој се осврна на суштинските политички причини за ваквиот исход кај гласачкото тело.

„Исто, според мене, нискиот одѕив, на изборите во Бугарија е резултат на несоодветната понуда од кандидатите кои се номинирани за претседател на државата. Иако се претседателски избори, улогата на претседателот во политичкиот систем на Бугарија е нешто повлијателен отколку кај нас. Логично би било интересот да биде висок особено знаејќи дека е една од кандидатките е и актуелната претседателка на државата која долго време е во политиката и која е силно поддржана од политиката на актуелниот премиер, а поранешен претседател, Румен Радев“, рече Наумовски.

Професорот понатаму образложи дека владејачката партија не успеала да го задржи првичниот моментум стекнат пред само неколку месеци. Според неговите согледувања, партијата на Румен Радев се соочува со драстично осипување на довербата кај народот, што испраќа загрижувачки сигнали за актуелната власт.

„Според некои анализи, тие имаат изгубено можеби две третини од гласовите од парламентарните избори и, според мене, тоа е прв показател дека поддршката која ја имаше Радев на парламентарните избори веќе е значително намалена. Се покажува дека релативно комотната позиција која Радев ја имаше како претседател на државата е различна од состојбата која сега ја има да решава проблеми како премиер“, истакна Наумовски.

Како клучен заклучок од изборните движења, Наумовски анализираше дека евентуален триумф на опозицијата директно ќе ја загрози стабилноста на бугарската влада. Доколку опозицискиот кандидат оствари победа, тоа неизбежно ќе отвори пат за преиспитување на легитимитетот во парламентот и брзо организирање нови парламентарни избори.