Тој во интервјуто за Фактор предупредува дека во следните месеци мора да имаме масовна имунизација за наесен да не се доведеме повторно во ситуација која би го блокирала здравствениот систем.
– Од дозите ќе имаме многу поголема придобивка отколку без нив, а многу важен факт е тоа што голем број од македонското население ја прележа заразата, па тоа значи дека и индискиот сој кај нас нема да се шири многу брзо. Секако, тој ќе се шири, но нема да има случаи со тешки симптоми и тешка форма на болеста. Најважно е сега да се имунизираме во што поголем број. Без 15.000 новоимунизирани дневно ништо не правиме, вели Пановски.
Според него, засилување на индискиот сој се очекува да се случи наесен кога луѓето ќе почнат да се прибираат внатре.
– Таква е заразата, респираторна, активна во постудените месеци кога се собираат луѓето внатре и кога почнуваат со работа училиштата. Можно е да се засили, но да се надеваме дека состојбата нема да биде како што беше пролетта. Најважно е да не се полнат болниците, а ако почнат да се појавуваат случаи на овој сој на разни места низ земјава треба веднаш да се преземат мерки, прво локални, а потоа глобални. Можеби примањето на дозата нема да штити толку од пренесување на болеста но ќе штити од тешка форма на болеста за која е потребна хоспитализација, објаснува Пановски.