Општина Штип, спортската заедница и голем број граѓани вечерва организираа свечен пречек за 17-годишниот Марко Џорлев. Младиот спортист оствари огромен историски успех со освојувањето на златниот медал на Светското карате првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У-21) кое се одржа во Полска.

Во преполната сала на Советот на општина Штип, новиот светски првак беше поздравен со громогласни и долготрајни аплаузи од присутните гости и спортски ентузијасти. Во својот емотивен говор, Џорлев потсети на зборовите што неговиот тренер Жарко ги упати веднаш по освојувањето на светскиот врв.

„Македонија има светски шампион, Штип има светски шампион, Карате клуб Штип има светски шампион“, истакна младиот Џорлев пред присутните.

Џорлев детално се осврна на патот до овој голем спортски резултат, истакнувајќи дека ова претставува прв ваков медал од светските карате првенства за државата.

„Овој златен медал, овој успех е историски успех за Македонија, ова е прв златен медал на светски првенства во карате. Ова е навистина голема чест да се биде првиот освојувач на златниот медал за Македонија во карате и навистина чувството е прекрасно. Овој златен медал потекнува уште многу одамна, потекнува од 2016 година кога јас почнав да тренирам карате. Во 2016 година на само петгодишна возраст, јас почнав да тренирам во Карате клубот Штип, најдобриот клуб со најдобрите тренери Сашко и Жарко Арсовски“, порача каратистот Џорлев.

Шампионот испрати посебна благодарност до своето семејство за секојдневната и безрезервна поддршка во текот на годините исполнети со напорни тренинзи.

Честитки до спортистот упати и штипскиот градоначалник Иван Јорданов, кој подвлече дека ова достигнување претставува најдобра промоција за градот и за државата.

Иван Јорданов на пречекот на Марко Џорлев

„Оваа прилика ја користам да им честитам на неговите родители затоа што го восипитале златното момче и му го трасирале патот кон вистинските вредности, да им честитам на неговите тренери кои го вградиле карактерот да биде победник, кои го трасирале патот кон успехот во спортот, да им честитам на неговите спаринг партнери, клубски другари кои исто така се заслужни за резултатот на Марко, затоа што заедно со него тренирале за тој да биде прв во светот. На крај, да му честитам на Марко. Марко, ти си млад на години, но големи се твоите спортски дела. Ти си толку едноставен но толку совршен во каратето. Продолжи да бидеш најдобар во тоа што го правиш, продолжи да ги гордееш твоите родители, твоите тренери, да не гордееш нас присутните, Штип и Македонија“, рече Јорданов.

Свои обраќања за време на свеченоста во Штип имаа и тренерите на новиот светски првак, Сашко и Жарко Арсовски, кои го водеа младиот каратист до светскиот врв.