Но, додаде таа, ова се глобални фактори коишто се оценети како привремени и иако се можни одредени преносни ефекти, поголеми ценовни притисоци не се очекуваат. Оттука, како и со оглед на оцените за отсуство на притисоци од побарувачката, нема потреба од промени во олабавената поставеност на монетарната политика.

На состанокот, предмет на дискусија беа повеќе теми за ефектите од пандемијата врз економскиот раст и врз долгорочниот потенцијал на економиите, отпорноста на финансискиот сектор во регионот, фискалната реакција и координацијата со монетарната политика, како и инфлациската динамика и монетарната поставеност.

Вицегувернерката, како што стои во соопштението, посебно се осврна на движењето на инфлацијата во земјите во регионот, нагласувајќи дека во пандемиската 2020 година таа во просек забави и се задржа во зоната на умерени позитивни промени. Во оваа слика се вклопува и македонската економија, со оглед на тоа што инфлацијата не претрпе поголеми промени и се задржа во контролирани рамки.

– Очекувањата за инфлацијата за следниот период за целиот регион се под влијание на последните нагорни промени на цените на примарните производи на светските пазари, што е очекувано со оглед на големата трговска отвореност на овие економии и нивната увозна зависност. Сепак, проекциите за инфлацијата во регионот за следните неколку години не се значително променети во однос на претпандемиските проекции, покажувајќи дека растот на увозните цени, во услови на постепено закрепнување на економиите, не би предизвикал продолжени притисоци врз ценовното ниво. Одредени ризици постојат, со оглед на неизвесното окружување, но тие внимателно се следат од страна на сите централни банки во регионот, стои во соопштениението од Народната банка.