Поради работни обврски министерката Царовска нема да присуствува на средбата. Доколку најдат заедничко решение родителите велат дека ќе прекине бојкотот во дел од училиштата.

– Се повеќе имаме поддршка за бојкотот, но утре е клучното што ние како родители го бараме и ќе видиме дали од нивна страна ќе имаме црвено или зелено светло. Потврдено е дека Царовска нема да биде на средбата, ние баравме, но не известија дека имала работни активности, вели – Драгана Спасевска од фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“.

Родителите уверуваат дека не се против осовременување на образованието со дигитални алатки, но тие да бидат дополнителни помагала, а печатените учебници да останат во употреба.Бараат јавна расправа за предложениот закон за учебници и да учествуваат нивни стручни претставници.

Од ресорното министерство се децидни – нема бојкот на наставата, туку само изолирани случаи.

– Според Предлог-законот за учебници за основно и средно образование, дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат следната учебна година најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет години, и во сите погорни одделенија. Учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени учебници, велат од МОН.