Во Босилово денеска по петти пат се одржа традиционалната манифестација „Ајваријада 2026“, посветена на промоцијата на домашните специјалитети од црвена пиперка. Настанот привлече голем број посетители кои имаа можност да следат подготовка на традиционален ајвар на отворено, подготвен според стари семејни рецепти.

Целта на манифестацијата е зачувување на вековната традиција на приготвување зимница во домашни услови и валоризација на локалните земјоделски производи. За време на настанот беа подготвени околу 400 килограми ајвар благодарение на посветеноста на локалните домаќинки.

Градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, истакна дека оваа манифестација стана препознатлив белег на регионот и изрази благодарност до сите учесници во организацијата.

Оваа манифестација се одржува веќе петта година по ред и постепено станува една традиција со која се гордееме сите во Општина Босилово. Секоја манифестација е важна и убава на свој начин, но една од најтешките манифестации за организација е токму оваа „Ајваријада“, затоа што денеска ќе бидат подготвени околу 400 килограми ајвер и верувајте тоа воопшто не е мала работа и затоа сакам да им се заблагодарам на сите домаќинки кои овие денови се вклучени во реализацијата на оваа манифестација

На спортското игралиште на училиштето „Гоце Делчев“ гостите дегустираа топол ајвар со домашно сирење, како и лутеница, малиџано и домашни чварки. На штандовите беа презентирани и традиционални грнчарски производи, како и природен пчелен мед и пчелни производи од локални производители.

Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма во која настапија естрадни изведувачи и фолклорни друштва, а се реализираше со поддршка на Општина Босилово и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.