Објаснувајќи го како „немил настан што е познат во литературата и е предвидена компликација“ директорот на Клиниката за гинекологија го опишува случајот кога при породување со царски рез, новороденче доби скршеница на раката.
Од Клиниката за гинекологија објаснуваат дека при интервенцијата бебето било лошо поставено и овие компликации се познати во литературата, иако не се случуваат често.
Тие уверуваат дека детето нема да има траен инвалидитет, ниту долгорочни последици. Случајот го испитува стручна комисија, првичните информации покажуваат дека не се направени пропусти при породувањето. Според директорката на ГАК Викторија Јовановска, на мајката ова и било второ породување со царски рез, а бебето е родено во добра здравствена состојба.
„Кога се отворила матката прво излегла раката, за да може да се извади здрав, жив и за живот способен плод којшто ќе нема секвели понатаму во животот, многу е важно во неколку секунди да го извадите плодот. Значи се враќа раката, се фаќа за нога и се извлекува плодот. Тоа е подобро отколку бебето централно да страда, да му страда мозокот и да има трајни последици, ова е нешто што е преодно“, изјави д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Што се однесува до Државниот санитарен и здравствен инспекторат – тие за „Скопје1“ се изјаснија дека нема да постапуваат во случајот со родилката Анета Дамјановска. За непостапувањето за новороденчето кое има скршена рака тие велат дека немаат надлежност. Директорката на инспекторатот, Рената Младеновска посочува дека тие немаат надлежност да ја ценат стручната работа на докторите.
Семејството реагираше дека медицинскиот персонал не ја известил веднаш мајката за повредата на бебето. Директорката Јовановска објаснува дека веднаш по породувањето не можело да се утврди дали станува збор за скршеница, бидејќи бебето немало оток на раката, но откако се појавил направена е рендген снимка која ги потврдила сомнежите.
Случајот во јавноста беше откриен од страна на таткото кој тврдеше дека персоналот на клиниката се обидел да го прикрие случајот, бидејќи на мајката не и било да го види бебето. Родено е на 30-ти декември, а семејството е информирано дека има скршеница на раката после 24 часа.