Институтот за демократија во соопштението упатено до медиумите апелира до сите политички чинители и партиски лидери, за одговорен и државнички однос кон сите предизвици на моментот.

Од оваа граѓанска организација наведуваат дека пандемијата не научи дека водењето на одговорни политики не може да биде оставено за некое идно време, бидејќи цената е висока и ја плаќаме веднаш и повикуваат на обединување.

-Повикуваме на крајна одговорност и обединување како никогаш досега-конструктивна опозиција и одговорна Влада. Доколку во моменталната констелација на односи консензус не е можен, до него евентуално може да се дојде низ концентрациона влада од сите партии во Собранието, притоа свесни за ризикот од неуспех на истата. Обединетост во оваа кризна состојба е клучна, во спротивно, одолговлекувањето на оваа ситуација ќе создаде тешко поправлива штета, се посочува во јавната реакција.

Оттука, Институтот укажува на неколку критични процеси кои се во тек. Собранието, како што се посочува, е целосно нефункционално и голем број на закони, од кои неколку суштински за добросостојбата на граѓаните за време на пандемијата, остануваат заглавени.

-Поради отсуството на политички дијалог, Собранието се блокира секогаш кога мнозинството не може да обезбеди кворум или кога за закон се предложени илјадници амандмани. Ова го урнисува угледот на институцијата која има огромна одговорност во управување со кризата и во контрола на извршната власт, се наведува во реакцијата.

Институтот за демократија смета дека се потребни следните чекори: Деловничко ограничување кое ќе направи рамнотежа помеѓу можноста да се користат алатки за спречување на законодавство (пр. филибастеринг) и функционалноста на законодавниот процес; потребно е истовремено да се зајакне контролата на закони кои се носат со „европско знаме“ и по скратена постапка.

-Во услови на пандемија, работата на пратениците мора да биде овозможена и онлајн, како во повеќето парламенти во светот, за да се заштитат како пратениците, така и собраниската служба, но и за да се одржи континуитетот на работата на Собранието. Според годишната анкета за работата на Собранието, оваа мерка ја поддржуваат мнозинството на граѓани и треба да се воведе што поскоро. Уставот ја дозволува оваа можност преку формулацијата „присуство“ без да се навлегува во детали какво, и целта е да имаме функционална институција, а не изговори за нејзина блокада. Праксата на блокирање на седниците поради несогласување со парламентарното мнозинство мора да прекине. Последниот преседан на целосна блокада не само на еден, туку на сите закони поради непоминување на еден законски предлог е недозволив акт кој оди директно против државниот и јавниот интерес, сметаат од Институтот за демократија.

Политичкиот дијалог за разрешување на кризни ситуации, оценуваат, мора првенствено да се одвива во Собранието како претставнички дом, а лидерските средби се нетранспарентен формат на решавање на политички несогласувања.

-Уште повеќе, тие го делегитимираат Собранието и му ја негираат улогата на чувар на суверенитетот на секој граѓанин. Оваа пракса е најмалку пожелна во насока на демократизација на нашето општество, се посочува во реакцијата.

Институтот за демократија се осврнува и на пописот, којшто како што потенцираат, е исклучително важна статистичка операција од која зависи општествениот развој.

-По 20 години, нашата земја нема луксуз да го планира својот развој врз база на проценки, туку врз објективни статистички показатели. Оттука, неговото одржување секако треба да биде приоритет. Сепак, непостоењето на едногласна поддршка од сите политички актери, повиците на бојкот како и етнизацијата на процесот од високи државни претставници создаваат дестабилизирачки контекст. Оспорен и необјективен процес, без широка граѓанска доверба не само што ќе креира основа за несоодветни политики, туку уште повеќе ќе го турне општеството во вртлог на меѓуетнички и интраетнички ривалства. Ова сценарио може неповратно да ја напукне општествената кохезија, и да ги загрози придобивките од Охридскиот рамковен договор и Законот за употреба на јазиците. Политичките актери треба да излезат во пресрет на дел од резервите кои беа искажани околу пописот и да престанат со етнички калкулации за истиот и повици за бојкот. Северна Македонија мора да спроведе попис зад кој ќе застанат сите страни и по цена на неколкумесечно одложување, сметаат од Институтот.

Во однос на преговорите со ЕУ, се посочува дека покрај спроведувањето на зацртаните реформи заради воспоставување на европските стандарди дома,  Македонија мора да настапи со усогласена државна позиција кон предизвиците за почетокот на преговорите со Европската Унија.

-Тоа бара подготвеност на државата во однос на две клучни прашања. Прво, преговорите со Бугарија треба да се водат во рамки на Договорот за добрососедство и пријателство, но исклучиво надвор од преговарачката рамка со ЕУ и со изграден државен консензус за неприфаќање на унилатералната интерпретација за бугарските историски корени на македонските идентитет. Од друга страна, националната структура за преговори со ЕУ треба да биде прилагодена на новата Методологија за преговори и да биде предводена од истакнати и професионални кадри, наместо од партиски кадровски решенија, наведуваат од оваа граѓанска организација.

Владата на обете прашања, како што се потенцира, треба да им пристапи со сериозност, посветеност и итност консултирајќи ги притоа политичките партии претставени во Собранието, претставниците на граѓанското општество и научната фела. Дополнително, Владата треба да осигура дека овие две важни прашања ќе останат имуни на партизација во целиот тек на пристапните преговори.

-Со оглед на преклопувањето на сите овие критични процеси, во многу специфичен момент на светска пандемија, Институтот за демократија апелира до политичките актери да ги надминат предрасудите, суетите и од нив прогласените етнички и теснопартиски интереси во интерес на нашата земја и нејзините граѓани, потенцираат од Институтот за демократија.