Двајца 20-годишници биле повредени во физичка пресметка меѓу две групи што се случила синоќа пред угостителски објект на улицата „Борис Кидрич“ во Тетово. Во инцидентот бил употребен и нож.

Случајот во СВР Тетово бил пријавен во 23:50 часот, а повредени биле Е.М. и А.Р., двајцата на возраст од 20 години и од селото Камењане.

По преземените мерки, во 01:25 часот во Клиничката болница во Тетово полицијата го лишила од слобода А.Р.

Само пет минути подоцна, во СВР Тетово сами се пријавиле Х.Ш. (22) од Ново Село и А.Б. (23) од Горно Палчиште. И двајцата биле лишени од слобода и задржани во полициска станица.

Полицијата работи и на утврдување на идентитетот на други лица кои учествувале во настанот.

Увид на местото извршила екипа на СВР Тетово, а по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.