Израелскиот министер за здравство Ницан Хоровиц денеска изјави дека истополовите парови ќе можат да имаат деца со помош на сурогат мајки во земјата и дека регулативата ќе важи од следната недела по одлуката на Врховниот суд минатата година.
Во јули, судот укина дел од законот за сурогат мајчинство со кој на истополовите парови не им беше дозволено да имаат деца со помош на сурогат мајки во Израел.
На овој потег му претходеше судска одлука во 2020 година дека законот што дозволува пристап до самохрани мајки, но ги исклучува истополовите двојки „несразмерно го крши правото на еднаквост и правото на родителство и е незаконски“.
Владата на тогашниот премиер Бенјамин Нетанјаху доби една година да предложи нов закон, но парламентот не го испочитува крајниот рок.
Судот лани соопшти дека ќе бидат потребни шест месеци за да стапи во сила законот, односно дека тоа ќе се случи на 11 јануари, за да се овозможи донесување на стручни упатства.
Министерот Хоровиц оцени дека целосната еднаквост е едноставно барање и цел на ЛГБТ заедницата на која и припаѓа и дека се однесува на еднаквост пред законот и еднаквост во однос на родителството.
Според претходните прописи, израелските истополови парови кои сакале да станат родители не можеле да го сторат тоа со помош на сурогат мајки во Израел, туку морале да направат трошоци и да ги најдат во странство.
Државата тврдеше дека таквиот закон има за цел да ја заштити сурогат мајката, но судот пресуди дека е можно да се постигне рамнотежа без дискриминација.
Израел е потолерантен кон ЛГБТК популацијата, анализираат тамошните медиуми.
Хомосексуалците отворено служат во израелската армија и се членови на парламентот, а многу популарни уметници и забавувачи не кријат дека се геј.
Сепак, пречките, вклучително и отсуството на граѓански брак што ќе дозволи истополови бракови, останаа на сила.