На денешен ден, 8 ноември, пред точно 85 години, во 1941 година, во прилепското село Царевиќ првпат е изведена познатата македонска борбена, патриотска песна „А бре Македонче“. Песната ја извеле партизаните од одредот „Гоце Делчев“ на територијата која се смета за прва слободна во почетокот на Народноослободителната борба и Народната револуција.
Песната која долги години се сметаше за народна има тројца автори, членови на партизанскиот одред чии групи беа одговорни за почетокот на народното востание на 11 октомври 1941 година со нападот на полициската станица, тогашниот Участак, денес Меморијален музеј „11 Октомври“ во Прилеп.
Делото денес е дел од постојаната поставка на Меморијалниот музеј, а за неговата историја со години наназад истражува историчарот од прилепскиот Завод и Музеј, Рубин Белчески. Белчески, кој воедно е и претседател на Сојузот на борци од Прилеп, одржа предавање на кое потсети на околностите при создавањето на песната и на нејзиното огромно значење кое не се намалува со текот на времето.
„‚А бре Македонче‘ е создадена од тројца борци на одредот: Крсте Црвенкоски, како комесар, Коле Чашуле, писател и учесник во виорните настани од 11 Октомври и Ордан Михајлоски, Оцка, борец од Одредот и музичар. Денес основното музичко училиште го носи неговото име. Тројцата борци добиле партизанска задача да создадат песна што ќе го подигне духот на борците и на населението зашто се проширил глас, по нападот на 11 Октомври, дека ги нема партизаните. Одредот официјално се формираше на 23 октомври и тие денови до 8 ноември тројцата борци ја создале славната песна, изведена на митингот во селото Царевиќ како ослободена партизанска територија, на празникот Митровден“, објаснува Белчески.
За исклучително кратко време песната „А бре Македонче“ станала вистинска химна на Одредот, но и на севкупното партизанско движење низ Македонија.
„Песната била присутна дури и во борбените моменти, кога борците поради повисоки цели, за слобода, за патриотизам, за љубов, влегувале во битките и свесно го давале својот живот. При секое изведување буди посебни чувства: на припадност, на борбеност, на решителност“, вели Белчески.
Во текот на своето 85-годишно постоење, стиховите во песната претрпуваат одредени измени, но таа суштински не изгубила ништо од своето првично значење и историска порака.
Според најновите истражувања на Белчески, песната во своите збирки ја поместиле и истакнатите македонски дејци Кочо Рацин и Блаже Конески, кој направил и нејзина детална анализа.
„Во 1943 година Коста Солев Рацин, во своето последно дело, редактирал збирка поезија на собрани песни со наслов ‚Македонски народно-ослободителни песни‘. Помеѓу 20-тина, ја ставил и песната ‚А бре Македонче‘. Во 1947 година, академик Блаже Конески ја собрал, редактирал и ја издава збирката песни ‚Од борбата – народни песни‘, каде, исто така, е песната ‚А бре Македонче‘, а во 1950 година Конески прави ‚Анализа на мотивите во песната‘, со што ни овозможува длабок увид во нејзините идеи, историски контекст и културните влијанија“, вели Белчески.
Песната во форма на музика за филм била отпеана во првиот македонски игран филм, „Фросина“ од 1952 година. Низ децениите бележи голем број нови аранжмани и интерпретации, почнувајќи од народните пејачи, па сѐ до популарни современи музички состави, додека денес постојат и модерни верзии создадени со помош на најновата технологија.
„‚А бре Македонче‘ е актуелна во секој миг од нашето сегашно и идно живеење, испраќа порака и поттик за раст на националниот дух. Всушност, песната е чувство што тече во нашите и во вените на нашите предци, а зошто не и на идните генерации“, заклучува Белчески.
