Eвропската комисија објави дека безусловно ѝ дозволила на италијанската група Уникредит да ја преземе германската Комерцбанк.
Комисијата процени дека аквизицијата нема да има негативно влијание врз конкурентноста во банкарскиот сектор на Европската Унија.
„На Европа ѝ се потребни силни банки, способни да се натпреваруваат, да растат и да ја поддржуваат економијата и семејствата. Прекуграничните спојувања можат да го овозможат ова бидејќи банките можат да работат поефикасно и да станат поотпорни на економски шокови“, соопшти Комисијата.
Европската централна банка ја одобри аквизицијата минатиот месец.
Групацијата Уникредит се обидува да ја преземе Комерцбанк веќе две години и постојано го зголемува својот удел и покрај отпорот на Германија. Во мај, миланската групација понуди да ги купи сите акции на Комерцбанк.
Се очекува Уникредит да ја преземе контролата врз Комерцбанк на почетокот на следната година.
Планот вклучува елиминација на околу 7.000 работни места и намалување на меѓународната мрежа на Комерцбанка.
Германската влада, која има удел во Комерцбанка од 13%, се обидува да ги ограничи отпуштањата колку што е можно повеќе.
Министерот за финансии Ларс Клингбеил инсистира банката да остане на Франкфуртската берза, како и да продолжи да им служи на својата широка база на средни и мали бизниси.
