Шефот на Светската здравствена организација рече дека експертите на агенција за безбедност на вакцини ќе се состанат утре за да разговараат за вакцината на АстраЗенека откако голем број земји престанаа да ја користат поради страв од згрутчување на крвта.

– Советодавниот комитет за безбедност на вакцините на СЗО ги разгледува достапните податоци, тесно соработува со Европската агенција за лекови и ќе се состане утре, рече на брифинг со новинарите Тедрос Аданом Гебрејесус.

Европската агенција за лекови, во меѓувреме, соопшти дека ќе одржи „итен состанок“ во четврток за вакцината на АстраЗенека, додавајќи дека нејзините придобивки сè уште ги надминуваат ризиците.

ЕМА соопшти дека утре „дополнително ќе ги разгледа информациите“ и „ќе свика вонреден состанок во четврток за да донесе заклучок за собраните информации и за сите дополнителни активности што може да се преземат“.

Регулаторот за лекови за ЕУ ја проверува безбедноста на вакцината против Ковид-19 на АстраЗенека, откако извештаите за смртност поради згрутчување на крвта доведоа до прекин на нејзина употреба во повеќе земји.

– Внимателно ги испитуваме сите податоци, особено фаталните случаи што се пријавени, рече Марко Кавалери, шеф на стратегијата за вакцинација и закани за здравјето на Европската агенција за лекови, пред здравствениот комитет на Европскиот парламент.

Кавалиери ова го изјави откако Германија соопшти дека ќе престане да ја користи вакцината на АстраЗенека, непосредно пред Франција и Италија да го направат истото.

Но, додека податоците се разгледуваат, Кавалери рече дека ЕМА досега „не гледа проблем во продолжување на кампањата за вакцинација со користење на оваа вакцина“.

Коментарите доаѓаат во ист ден кога најголемите земји-членки на ЕУ се придружија на други земји, како што се Норвешка, Данска и Тајланд, во запирање на употребата на вакцината на АстраЗенека.

Одлуките беа опишани како „мерки на претпазливост“ во очекување на понатамошна анализа дали има причинско-последична врска меѓу вакцината и смртните случаи и други пријавени несакани ефекти кај луѓето по примањето на лекот.