Авион на турската авиокомпанија „СанЕкспрес“, кој сообраќал на линија од германски Келн кон Анталија, морал да го прекине летот и да слета на Меѓународниот аеродром Скопје. Ваквата одлука била донесена откако на копилотот му се слошило за време на управувањето со леталото.
Екипажот прогласил вонредна состојба и побарал дозвола за вонредно приземјување. Леталото безбедно се приземјило на пистата во Скопје во 5:06 часот наутро.
Авионот претходно полетал од аеродромот Келн/Бон кратко по 3 часот. За време на летот над Балканот, екипажот испратил меѓународен сигнал за вонредна состојба со кодот 7700, кој служи за известување на контролата на летање дека авионот е во критична ситуација и бара итна помош.
Според објавените информации, копилотот пријавил силни болки во стомакот проследени со главоболка. Веднаш по пристигнувањето во главниот град на Македонија, на членот на екипажот му била укажана медицинска помош, но засега нема официјални детали за неговата здравствена состојба.
Од авиокомпанијата потврдија дека авионот бил пренасочен кон скопскиот аеродром исклучиво од медицински причини и дека целата процедура на слетување поминала безбедно по патниците и екипажот.
Патниците не се задржале долго во Скопје, бидејќи за нив бил организиран продолжеток на летот со заменски авион. Леталото пристигнало од Виена, по што патниците се префрлиле и го продолжиле патот кон крајната дестинација.
Станува збор за друг авион од типот „Боинг 737-800“, кој полетал од Скопје и успешно слетал во Анталија околу 16:20 часот по локално време.
