Кога се е наопаку, дното е на површина. Ова е реакцијата на Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција на констатацијата на првиот вицепремиер Артан Груби дека Антикорупциска „не ја бива“.

„Кога се е наопаку, дното е на површина“, реагира Ивановска на социјалните мрежи по гостувањето на Груби на тв Сител.

Груби во гостувањето изрази незадоволство од работата на антикорупционерите иако како што рече самиот ги избирал.

„Деновиве ја отфрлија пријавата против мене во ДКСК на поднесокот на ВМРО-ДПМНЕ. Огромно мнозинство од случаите се или изгубени по административни постапки или отфрлени од судиите и се надевам дека следниот состав ќе биде посериозен. Па, во нивниот мандат немаат ни еден случај кој им поминал. Државната комисија за спречување на корупција не ги бива. Немаат капацитет“, рече Груби во гостувањето.

Коментарот на Груби следи на прашањето што мисли за купувањето на деловниот објект „Соравија“ од страна на внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и за вклучувањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД.

„Верувам во институцијата, но имам сомнежи во капацитетите на луѓето. Во мандат од четири-пет години дали имаат еден единствен случај успешен во постапките“, рече Груби.

ДКСК пред неколку години отвори случај против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за купените автомобили за Општината од блокирана општинска сметка. Антикорупциска обелодени дека и Судскиот совет го застарел предметот по нивна претставка за судија и претседател на судот во Струга кои овозможиле наместо да ги враќа општинските долгови, градоначалникот да си купи луксузен службен автомобил.