Три момчиња биле извлечени живи од реката Треска откако попладнево ги повлекла нагло надојдената вода во близина на Скопје. Едно од нив има 18 години, а другите две се на возраст од 15 години. Според Центарот за управување со кризи, водостојот се зголемил поради испуст од браната „Матка“ за производство на електрична енергија.
Едното момче било извлечено веднаш, додека другите две водата ги однела подалеку по течението. Тие биле пронајдени и спасени низводно, по координирана интервенција на службите и на жители од Општина Сарај.
Сите тројца се во добра здравствена состојба и немаат видливи повреди. Повикот за помош бил примен на единствениот број за итни случаи 112.
Во спасувањето учествувале пожарникари, полициски службеници, екипа на Итната медицинска помош и локални жители. Брзата реакција спречила случајот да заврши трагично.
