Претседателот Стево Пендаровски на промоцијата порача дека негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академикот Конески, туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации.
– Заштитата и негувањето на македонскиот јазик е исто така и обврска не само кон оние чиј мајчин јазик е македонскиот, туку и кон сите оние кои го употребуваат како официјален во независна и самостојна Република Северна Македонија, но и кон сите лингвисти, слависти и македонисти кои го проучувале и изучувале, кон сите преведувачи кои преведувале и преведуваат од или на македонски. На крајот на краиштата тоа е долг кон науката, кон вистината и кон правдата. Затоа во годината Конески, но и во секоја следна како општество, но и како поединци, обични граѓани или претставници на институции да работиме сплотено и одговорно во афирмација и промоција на неговото дело, рече Пендаровски, на промоцијата на која присуствуваа и министерката за култура Ирена Стефоска, генералниот директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ Јани Макрадули и универзитетскиот професор и претседател на Советот за македонски јазик Људмил Спасов.
Директорот на Пошта на РСМ верува дека на секој наш сограѓанин, а особено на филателистите ќе им биде предизвик да ја вметнат марката во сопствената колекција.
– За да ја прошириме во целиот свет да стане што повидлива сите да испратиме барем едно писмо, на некому што му недостига, некому што го чувствуваме близок и да ја ставиме поштенската марка со ликот на Конески, особено во ова тешко време, кога корона-пандемијата физички не одделува едни од други, порача Макрадули.
Промоцијата е дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура, а во соработка со Министерството за образование и наука. Стогодишнината од раѓањето на Конески е запишана и во календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО.